ДИМКО МОГИЛЧЕТО ГО УБИВА ШЕФКИЈА АГА - епска песна

Категорија: Песни од Мариово

Абер ми дојде од Стамбол дур' Битола,

дури Битола, дури кај валијата:

— Де гиди бре валијо, наш ефендијо, .

голем поплак има од Битолско поле,

од Битолско поле, од млади беглери,

голем зулум им чинат тие кумити.

Слушај ти, бре валио, мувлет ти давам,

мувлет ти давам тебе за десет дена,

ти да ми бараш јунак, да ги фаќа:

Димко Могилчето, Јован Логорчето

и тој Трајко од Брник — Мариовчето!

Тој што ќе ги фати, бакшиш ќе му дадам.

— Ами бог да убие тој валијата,

телал тој ми носи низ град Битола:

„Чујте вие Турци, Турци и рисјани!

Дали има јунак Димка да го фати,

Димко Могилчето, Јован Логорчето

и Трајко од Брник — Мариовчето?"

Ал да ми го најде тој Шефки агата,

од далеку дочу, во Битола дојде,

пред валија падна м му се поклони:

— Слушај, слушај ти, бре ефенди валио!

Јас сум Шефки бегот, Турчин дебранлија,

Турчин фиданлија, Турчин шишманлија,

јас сум Шефки бегот, полјакот могилски,

сакам јас да бидам и цар македонски,

голем бакшиш барам, Димка ќе го фатам,

ти цар да ме туриш на Битолско поле

и ќе ми го даваш млада Димковица,

млада Димковица, младата невеста.

По села ќе одам, по села ќе шетам,

Димка ќе го фатам, врзан ќе го терам,

петици ќе кинам, в сарај ќе го втерам.

Обеќај му даде нему валијата:

— Јас цар ќе те турам на Битолско поле,

ем јас ти давам аскер сто души,

само да го фатиш, врзан да го тераш.

— Де гиди валио, јас аскер ти нејќам,

само си ги,сакам два верни другари.

Од тука ми стана, на коњ ми се качи,

та што ми отиде при стара му мајка,

на мјаката и кажвит:—Слушај, стара мајко,

царот ќе ме тури цар на Македонија,

ако му го фатам Димка Могилчето,

Јован Логорчето и Трајко од Брник — Мариовчето.

— А мајка му рече:

— Слушај, Шефки бегу, јас што ќе ти кажам!

Ти да не се мешаш во царски работи,

ноќеска си, синко, јас лош сон сонував:

Во нашата куќа мрша кај стоеше,

на мршата до три пилци ми стоеја,

туку тие, синко, не се до три пилци,

тие ми се, синко, до трите војводи,

пази ми се, синко, да не те убијат.

Бог да го убие тој ми Шефки ага,

полјако могилски, царо македонски,

мајка си не слуша, на коњ ми се качи,

коња го потера, Могила ми појде,

од далеку вика, на порта ми чука:

„Де гиди мори млада Димковице,

порта ми отворај, Димка ти го убив,

дојдов да те земам, измет да ми правиш,

на мајката анка вода ќе и носиш.

Бог да ја убие млада Димковица,

луто се налути, луто му говори:

„Ајде бегај, бегу, ти црно Еѓупче,

сношти Димко беше, вечера ми јаде,

вечера ми јаде и мене ми рече:

„Шефкија ага јас ќе го убијам

и ќе му ја земам јас белата анка,

измет да ми прави, вода да ми носи."

Бог да го убие тој Шефки ага,

полјакот могилски, царо македонски,

луто се налути, фати да ја бие.

Близу тука беше тој Кољчо ортакот,

стана да го моли тој Шефки агата:

Дејди Шефки ага, Турче дебранлија,

Турче фиданлија, Турче шишманлија,

ти што ми ги слушаш женските зборови,

жена долгокоса, ама кусоумна,

тебе ќе те молам кај мене да дојдиш,

ручек ќе ти зготви млада Кољчевица,

млада Кољчевица пресен зелник печит,

ручек ќе ми ручаш, изим ќе ти барам,

за да ми излезиш долу ливаѓето,

долу ливаѓето кај та рамна плоча,

времето ми дојде, сакам да ги косам.

— Ручек ми ручаа, на коњ ми се качи,

в ливада ми појде кај та рамна плоча,

коња разигруват, коња рашетуват.

Како коњ ми игра, како коњ ми рипа,

ми пукнала пушка, Шефкија го удри,

Шефкија го удри во левото рамо,

тој бегот Шефкија од коњ не ми паѓа,

на далеку гледа од кај пукна пушка.

Друга пушка пукна, Шефкија го удри,

Шефкија го удри пак во лево рамо,

уште Шефки бегот од коњ не ми паѓа,

на далеку гледа од кај пукна пушка.

Треќа пушка пукна, Шефкија го удри,

Шефкија го удри меѓу двете очи.

Тогај Шефки бегот од коња ми падна.

Димко ми искочи, пискуло му зеде,

пискуло му зеде и што ќе му рече:

Станувај, бре стани, ти Шефкија ага,

полјакот могилски, царо македонски.

Стани да ме видиш дали ми прилега

со твојот ми пискул на мојава глава.

.

Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА

Народни песни во кои се спомнува Битола,

собрал, предговор и речник напишал

проф. Филип Каваев

Издадена: Битола, Октомври 1969 год

Hits: 1916

01 nastani02 ne propustajte03 crkvi manastiri04 pesni od mariovo05 bilki rastenija06 sela vo mariovo