TheGrue

01 nastani02 ne propustajte03 crkvi manastiri04 pesni od mariovo05 bilki rastenija06 sela vo mariovo

 

Рецензија

за трудот „Градешница" од Трајко Босеовски


 

Трудот „Градешница", содржи вкупно 132 страници одчукани на машина со нормален проред во кои покрај предговорот авторот дава целосен преглед и слика за местоположбата, настанувањето и развој на едно од најголемите села во Мариово со сите релевантни податоци за револуционерниот вишнеж развиток и растеж на овој етнокултурен регион во Македонија. А за да се напише еден ваков монографски труд е потребна макотрпна работа самопрекорност, долготрајни истражувања и голема умешност во депикцијата на одредени настани, дејци и периоди од минатото и историјата на народот од тој дел на Македонија.

Ако се има предвид дека авторот поседувал мошне скудна документација за одредени географски, историски и културни случувања во минатото за една од најголемите населби во мариовската питомина - Градешница од каде што и самиот потекнува, тогаш неговите заслуги се уште поголеми. Обидот да направи хроника на постанокот, растежот и миграцијата на селото претставува прв посериозен чекор да се даде монографски приказ на едно село од мариовскиот крај. Се разбира поединечни трудови од разни области за селото и целокупниот регион маргинално се објавувани во минатото, но тоа ниту од далеку не ги задоволува потребите да се остави еден траен белег и печат за животот на ова село во минатото кое поради својата бројност на населението одиграло значајна улога во историското паметење и културно живеење на Мариово.

Во недостиг на архивска документација авторот ползувал усни и писмени искажувања на постари личности од селото со цел да ги оттргне од заборав и од забот на времето сите позначајни настани од животот на селото кои незапирливо исчезнуваат или се изгубиле и неможат со ништо да се надополнат.

Ползувајќи ја речиси целокупната расположива документација како и усните и писмените искажувања на постари жители од селото од една како и своите сеќавања за селото и неговата способност умешно да ги вклопи во една единствена целина, со свои сопствени видувања и заклучоци од друга страна ни дава за право да констатираме дека пред нас се наоѓа еден мошне сериозно конципиран и издржан труд на авторот Трајко Босеовски.

Во него се чувствува неговиот истражувачки дух во речиси сите домени. Авторот дава мошне реален приказ на географските прилики во Мариово, со посебен акцент на селото Градешница, потоа податоци за постанокот на селото, селото во турскиот период, Балканските војни, Првата и Втората светска војна, потоа творечкиот растеж на селото, миграцијата село-град како и емиграцијата на населението од Градешница во прекуокеанските земји и во некои поразвиени земји во Европа, па се до денешната состојба на селото. Тој не заборавил да го нагласи и значењето на народните умотворби, преданијата прекарите, народните верувања и кобења, свадбарските обичаи, празниците и детските игри кои во овој крај веќе исчезнале или се на работ на нивното целосно губење. Co други зборови, тој опфатил се што можело да се пронајде, проучи, презентира и забележи, со цел да се даде солиден материјал и обработка нужни за изработка на овој монографски труд. Се разбира тој и не претендира, како што и самиот вели во предговорот, на сеопфатеност на темата, но сепак, дава мошне користен материјал за идните истражувачи за попродлабочено проучување на овој мошне малку проучуван македонски крај.

Впрочем монографијата за Градешница, со мали измени и некои поими и имиња, може да претставува монографија и на околните на Градешница села, што уште повеќе го зголемува значењето на овој пионерски труд што длабоко ја заора браздата токму во овој китен, но мошне малку проучуван македонски крај.

Мошне лесниот и разбирлив стил на изразување, обилноста на податоци, документација, спомени, сеќавања од една и инвентивноста на авторот, сето тоа мошне умешно да го вткаен композициски во една книга од друга страна, ни дава можност да заклучиме дека овој труд ќе пополни една празнина што подолго време се чувствуваше кај нас на полето на проучувањето и презентирањето на овој крај.

Имајќи го во предвид споменатото, ни причинува особена чест и задоволство да го препорачаме овој труд „Градешница" за печатење.

 

 

 

Скопје, 10. 10. 1997 година

 

РЕЦЕНЗЕНТИ:

1. Д-р Благој Стоичовски

2. Д-р Петруш Ристевски

Hits: 1128

01 nastani02 ne propustajte03 crkvi manastiri04 pesni od mariovo05 bilki rastenija06 sela vo mariovo